Може ли Шкупи да го повтори успехот на Вардар: По историја, за себе и за македонскиот фудбал!

Само еден македонски клуб во досегашната историја низ настапите во квалификациите за Лигата на шампионите елиминирал високорангиран европски клуб. Тоа беше Вардар во сезоната 2003/2004 кога, исто така, во 2. квалификациско коло за ЛШ ја елиминираше големата ЦСКА Москва.

Сега, пред една таква шанса е и Шкупи. Чаирчани се пред можност за елиминација на еден од најдобрите источноевропски клубови, постојан учесник во групната фаза од ЛШ или ЛЕ, хрватскиот шампион Динамо Загреб. По оние 2-2 од првиот дуел на „Максимир“, сега и тоа како се отвораат и реалните можности за македонскиот шампион да обезбеди трето квалификациско коло, и да го повтори успехот на Вардар од 2003 година…

„Секако хрватскиот шампион повторно и за овој дуел во Скопје е фаворит, но ако ги погледнам овие изминати денови на кои работевме по натпреварот навистина ми даваат позитивни надежи затоа што гледам со каков мотив и елан фудбалерите го чекаат дуелот. Знам дека ќе го дадам максимумот, и со една добра игра повторно да дојдеме до добар резултат кој и би не однел во следната рунда од квалификациите за ЛШ. Динамо има огромен фонд на играчи и апсолутно не е важно кој и како ќе игра. Ние треба максимално да се концентрираме на нашата игра. Знаеме дека играме против голем фаворит, но во Загреб покажавме дека може да се надигруваме со секого, и затоа може да повикам да биде само една добра претстава за сите нас, играчи, стручен штаб и навивачите и да уживаме во фудбалски спектакл на нашиот стадион. Гледам дека нивниот тренер Анте Чачиќ дава преоптимистички изјави пред дуелот, најавувајќи сигурна победа, но добро тој е тренер на еден таков клуб во кој знам како е, бидејќи сум играл, и таму секогаш и секаде се бара успех. Сепак некои нешта вечерва ќе зависат и од нас“ – вели стратегот на Шкупи, Гоце Седлоски.

 

Позитивна е атмосферата и меѓу самите играчи кои најавуваат борба до максимумот во желбата за сензација.

„Сите добро знаат дека максимално го почитуваме противникот. Јасно е дека не чека тежок натпревар но ние сме подготвени да го дадеме максимумот и зошто да не очекуваме и чудо во Скопје. Посакуваме и силна поддршка од трибините затоа што ќе ни биде потребна, а ние ќе се обидеме сите навивачи да ги израдуваме со уште еден успех“ – вели Блертон Шеји.

Натпреварот меѓу Шкупи и Динамо Загреб на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје се игра вечерва (26. јули) со почеток од 21 часот, а ќе биде пренесуван на ХРТ2 и на албанската ТВ Суперспорт.

Се вчитува...