Во директна пресметка за второто место во групата А од Лигата на шампионите, Вардар денеска (17.30 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува Кјелце. Полскиот првак на вардарци им го нанесе првиот пораз сезонава во натпреварот на домашен терен (31-27) и ја прекина победничката серија на „црвено-црните“ од четири победи по ред. После тој натпревар во Кјелце, Вардар влезе во кризен период и во наредните четири кола во ЛШ запиша само една победа дома против Мешков Брест.
Во таборот на „црвено-црните“ се свесни за важноста на овој дуел, но и за силата и квалитетите на Кјелце во чии редови блескава сезона имаат токму поранешните вардарци, Алекс Душебаев и Лука Циндирќ.
„Не очекува тежок натпревар против противник со одлични ракометари. Играме дома и за нас и за целата јавност ќе биде навистина убаво да победиме. Сакаме да ја завршиме годината во Лигата на шампионите со победа и се надевам дека ќе успееме да го направиме тоа. Кјелце е познат по провокации, особено нивниот тренер. Се надевам дека нема да подлегнеме на нив. Наше е да излеземе на терен, да дадеме се од себе и да победиме“ – истакна капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов во пресрет на денешниот дуел.
Кјелце има пет победи во седумте меѓусебни дуели со Вардар, но полскиот шампион само еднаш досега излегол како победник во „Јане Сандански“, во четвртфиналето од ЛШ пред четири години кога го победи Вардар во Скопје со 22-20.
Во актуелната состојба на табелата во А групата, Кјелце има само еден бод повеќе од Вардар и токму денешниот дуел ќе биде решавачки во борбата за втората позиција пред зимската пауза во ЛШ за која во игра се и Рајн Некар Левен и Веспрем. Во Кјелце се свесни каква атмосфера ги чека на теренот во Скопје, но од таборот на Талант Душебаев велат дека за нив тоа носи дополнителна мотивација.
„Секогаш играш подобро кога не си омилен. Кога не мора да победите, може да направите изненадување. Знаеме дека сега Вардар е тој што мора да победи бидејќи игра на домашен терен. Тоа ќе биде борба за второто место во групата, тие се многу силни на домашен терен, но ние сме во подобра позиција имаме бод повеќе од нив“ – посочи пикерот на Кјелце, Артсем Каралек.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА