Македонската кошаркарска репрезентација со денешниот домашен дуел против Литванија (18 часот, СРЦ „Кале“) ги продолжува настапите во квалификациите за Евробаскет 2025.
По двете две рунди имаме една победа (на гостински терен во Полска) и еден пораз (дома од Естонија), а ако се знае дека Полјаците како домаќините имаат загарантиран билет за ЕП јасно е зошто претстојниот двомеч со Литванија е од толку големо значење за нашите кошаркари, на кои им е потребна барем една победа на следните две средби со реномираниот европски гигант.
За жал, токму за клучните пресметки селекторот Јончевски се соочи со огромни проблеми, па така за денешниот дуел во тимот ќе го немаме најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ (се очекува да игра в недела во Клаипеда), потоа Ти-Џеј Шортс, Андреј Јакимовски кој остана во САД да настапува во НЦАА-лигата, но и Итан Хап и Андреј Магдевски, кои поради повреда нема да бидат на располагање на стручниот штаб.
„Еден од најважните два натпревари во овој квалификациски прозорец. Работите стојат така да мораме да победиме на еден натпревар за да ги задржиме шансите за пласман на следното европско првенство. Литванија е фаворит, тоа е една исклучително добра репрезентација поготово во последните неколку години. Репрезентација која не размислува за натурализација на играчи што говори за нивниот квалитет. Верувам дека натпреварот во Скопје ќе биде показател дали сме подготвени за европско првенство. „Притисокот е на нивна страна бидејќи и тие загубија еден натпревар против Естонија. Важеа за фаворити во групата пред почетокот на квалификациите, но Естонија покажа дека и самата е сериозна екипа. Со оглед на нивниот пораз во првиот прозорец картите им се отворени и ќе одат со максимален напор за забележат две победи“, изјави македонскиот селектор во пресрет на денешниот дуел во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА