„Мрак“ од 10 минути и болен пораз од Естонија

Македонија со пораз ги стартуваше квалификациите за Евробаскет 2021, и тоа најлошата можна варијанта за „црвено-жолтите“, неуспех на домашен терен против главниот ривал за третото место во групата, Естонија, со убедливи 72-81. Неуспехот е апсолутно заслужен, а се должи пред се на катастрофалната втора четвртина што гостите ја добија со преубедливи 5-25, позитива што потоа знаеја како да ја задржат до самиот крај. Навидум подмладена, Македонија повторно зависеше од близнаците Војдан и Дамјан Стојановски, мал блесок во второто полувреме имаше Димитријевиќ, но севкупно „црвено-жолтите“ прикажаа премалку за да стигнат до триумф на ова ниво на кошарка.

Проблемите со нападот станаа очигледни по првите две три минути игра, па првите поени Македонија ги постигна дури во четвртата минута преку Витингтон. Разликата остануваше пристојна додека Естонците не влегоа во шутерски ритам, првата четвртина заврши со минимални 18-20, за потоа гостите да го демолираат нашиот состав во вторите 10 минути од мечот. Промашуваа буквално сите, во цела четвртина беше погоден само еден единствен шут од поле (тројка на центарот Крстевски), додека на спротивната страна Естонците го полнеа нашиот кош, на одмор заминувајќи со преубедливи 23-45.

Тројката на Војдан Стојановски во првиот напад од третата четвртина го разби сивилото од првите 20 минути, а по изнудената намерна лична врз Војдан и тројката на Дамјан Стојановски разликата ја намаливме на „минус 15“, па при резултат 35-50 гостинскиот селектор го побара својот прв тајмаут на мечот. Македонската серија продолжи, намаливме на 39-50, пред Китсинг да погоди тројка и да го запре нашиот налет. Димитријевиќ ја погоди првата тројка на мечот, а потоа со слободното фрлање на Витингтон дојдовме на десет поени негатива (43-53), на половина од четвртината.

Проблемите се зголемија во 26. минута, кога Дамјан Стојановски ја заработи четвртата лична грешка, а Војдан имаше три прекршоци зад своето име. Куламае продолжи да им создава главоболки на македонските репрезентативци, успешно решавајќи ги следните два напади на Естонците. Нервозата се врати во редовите на „црвено-жолтите“, се грешеше во нападот, а гостите знаеја како да го искористат тоа и во 28. минута поведоа со 43-58. Тодоров го врати Војдан за да се обиде со ниска петорка со Витингтон како единствен повисок кошаркар, Димитријевиќ погоди една тројка, но Македонија сепак влезе во завршните десет минути со убедлива негатива од 46-60.

Војдан Стојановски ја презеде одговорноста на почетокот од четврртата четвртина, постигнувајќи шест поени во низа за враќање на „минус десет“ (55-65). Веднаш потоа тој заработи незгодна повреда и мораше неколку минути да биде повлечен од игра, а при 58-68 не искористивме два напади да се спуштиме на едноцифрена разлика, па Тодоров побара тајмаут на шест минути до крајот (58-70). Димитријевиќ ја презеде одговорноста и реализираше два напади, намалувајќи на 62-70, но гостите го издржаа и тој последен налет, набрзина ја вратија разликата над десет и ја одржаа предноста се до конечните .

Војдан Стојановски беше прв стрелец со 26 поени, Димитријевиќ имаше 15 поени, 7 скокови, но и пет загубени топки, додека Витингтон реализираше 15 поени и 8 скокови. Кај Естонците најефикасни беа Куламае со 29 и Вене со 16 поени.

Веќе утре рано наутро македонските кошаркари ги очекува долго патување во Русија, на гостувањето против главниот фаворит за првото место во групата (недела, 15 часот).

Се вчитува...