ЕКИПА во Гибралтар,
Владимир Булатовиќ
Македонскиот селектор Игор Ангеловски веќе во голема мера ги намести редовите во стартниот состав за првиот натпревар во Лигата на нациите, утре против Гибралтар од 20:45 часот на „Викторија стадионот“.
Иако опстојуваа неколку дилеми се чини Ангеловски, со оглед на фактот дека во неколку дена не очекуваат два натпревари од кои очекуваме победи, веќе е извесно дека ќе комбинира со составот за мечот со Гибралтар оставајќи простор за одмор за дел од првотимците од претходните репрезентативни дуели.
Се очекува во првата офанзивна линија Македонија да настапи со капитенот Горан Пандев, и Иван Тричковски и Александар Трајковски како поддршка од крилните позиции, со тоа што овој пат на клупата останува Илија Несторовски кој ќе биде понеопходен за следниот натпревар со Ерменија од првата минута.
Во средниот ред, како двајца последни играчи за врска ќе бидат Енис Барди и Бобан Николов, заедно со нешто поофанзивниот Стефан Спировски. Иако дилема останува и старт со Елиф Елмас, но се чини дека членот на турскиот Фенербахче, ќе чека шанса од клупата.

На голот местото е на Столе Димитриевски, а пред него веќе стандардните Стефан Ристовски на десната страна, централните дефанзивци Висар Муслиу и Кире Ристевски како и на левата позиција Езгијан Алиоски кој ќе има и поофанзивни карактеристики.
Македонија на првиот меч од УЕФА Лигата на нации, преку која ќе се бара пат на ЕП 2020, неизбежно мора да стигне до посакуваниот триумф против аутсајдерот со што позитивно би се впуштила понатака во битката за првото место во групата во која се уште Ерменија и Лихтенштајн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

