Македонската телевизија размислува за прекин на преносите од домашната кошаркарска Суперлига, откако најтрофејниот клуб Работнички одби два понудени термини за реализација на ТВ пренос од денешното дерби со МЗТ Скопје Аеродром. Овој меч требаше да се одигра синоќа од 19 часот, исто така без ТВ пренос, но беше одложен поради неисправност на помошните семафори кои означуваат напад од 24 секунди во салата „Градски парк“. Со одлука на КК Работнички, дербито ќе се игра денеска, со почеток во 19 часот, во салата Гостивар.
Ова е неприфатлив термин за Македонската телевизија, поради централниот дневник, која понуди да реализира директен телевизиски пренос од 17.45 или од 20.15 часот. Но, КК Работнички како домаќин организатор остана на својот став дека дербито ќе се игра од 19 часот. Согласно тоа, нема да има ТВ пренос.
„Во наредните ден-два, МТВ ќе реши дали во вакви околности, кога нуди речиси сѐ, особено кога станува збор за дерби-мечевите, а најчесто излегува главен виновник и покритие за туѓи перфидни игри, ќе продолжи со пренесување на натпреварите од домашниот кошаркарски шампионат до крајот на сезонава”, велат од МТВ, како реакција на несоработката од страна на КК Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА