Колумбискиот интернационалец Хамес Родригез е најновата ѕвезда на Баерн Минхен која отворено застана против актуелниот тренер на клубот, Нико Ковач. Тој им се придружи на Арјен Робен, Франк Рибери, Томас Милер и Матс Хумелс, кои исто така го истакнаа незадоволството од односот и работата на хрватскиот стратег, кој оваа сезона го презеде кормилото на баварскиот тим.
Шпанските медиуми најавуваат дека Хамес Родригез сега сака да се врати во Реал Мадрид, од каде и пристигна на двегодишна позајмица во Баерн Минхен. Колумбиецот оваа сезона настапи на 11 од вкупно 16 натпревари во дресот на баварскиот тим, но играше само 658 минути вкупно. Тој редовно е заменуван во текот на мечот, или пак влегува како резерва. Оттаму и неговото незадоволство и желбата да се врати на „Сантијаго Бернабеу“, можеби уште во зимскиот преоден рок.
Претходно Хамес Родригез беше поврзуван и со преселба во Јувентус, а првичен интерес за овој фудбалер искажаа и Ливерпул и Арсенал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА