Муамед Сејдини е нов претседател на ФФМ

Муамед Сејдини, досегашниот в.д.претседател, е избран за нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија. На денешното Изборно собрание во Охрид, делегатите, присутни 90 од вкупно 96, а 82 гласаа „ЗА“ и му ја дадоа довербата на единствениот кандидат за наследник на Илчо Ѓорѓиоски. Тој ќе има мандат до 2021 година кога ќе се одржи Редовно изборно собрание на федерацијата.

На Собранието на ФФМ беа присутни членот на Извршниот комитет на УЕФА, Давор Шукер, Хеиди Беха, претставник од ФИФА, Алекс Филипс, Сашо Поповски, од МОК и заменик директорот на АМС, Газменд Ристеми.


„Сакам да ја искажам мојата благодарност за укажаната доверба. Голема е честа да се биде претседател на Фудбалската федерација на Македонија и да се бориме за македонскиот фудбал. Искрено се надевам дека сите заедно ќе работиме на заедничкото создавање подобра иднина и со својата професионална активност во фудбалот ќе придонесуваме за јакнењето на заедништвото и меѓусебното почитување. Би сакал да изразам голема благодарност до УЕФА и до ФИФА, организациите кои се нераскинлив дел од нашето работење и се надевам дека ќе бидеме горди на низа заеднички проекти и во иднина”, изјави Муамед Сејдини, откако ја доби довербата да биде претседател на Фудбалската федерација на Македонија.


На Собранието на ФФМ беше дадена дозвола на Управниот одбор на федерацијата по направена анализа да изготви промена на натпреварвањето во Вторите и во Третите лиги за натпреварувачката сезона 2020/21. Усвоени беа извешаите на претседателот и Управниот одбор на ФФМ, како и правните органи и лиценцните тела, администрацијата на ФФМ за исполнување на стратегискиот план во период од 2016 до 2026 година, како и финансискиот план и завршната сметка.

Се вчитува...