Муамед Сејдини: Горди сме што Македонија е ценета во Европа и светот, верувам во успешни настапи во Лигата на нации оваа година!

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини во своето обраќање пред Генералното Собрание на ФФМ кое денеска се одржува во хотелот „Хилтон“ во Скопје истакна дека силно верува во нови успеси на македонскиот фудбал во годините кои доаѓаат пред нас.

Сејдини нагласи дека развојот на инфраструктурата ќе биде приоритет на ФФМ и во престојниот период затоа што тоа е основата на секој успех, иако му е јасно дека јавноста успесите единствено ги цени по настапите на националните селекции.

„Ова за нас, како раководство на Фудбалската федерација на Македонија не е нов почеток, но веројатно е еден од најкомплексните периоди од работата во федерацијата. Одново да им помогнеме на другите да ја видат Фудбалската федерација на Македонија на начин на кој што ја гледаме ние. Модерна и прогресивна. Се сметам за посветена личност, а односот кон сите обврски во изминатата година даваат се оцена и приказ за мојата работа, но и работата на целата федерација. Сметам дека многу работи во нашата Фудбалска федерација функционираат доста добро, но знам дека има и работи што можеме да ги подобриме. Секако, за јавноста успехот на најдобрата репрезентација е мерило за успех и на федерацијата, но тоа сепак не е единствената обврска за нас. Затоа целта е да бидеме успешни и во другите сегменти за кои ФФМ треба да се грижи, да посветува време и внимание, да обезбедува и распределува средства и се разбира во активностите и проектите да бидат вклучени сите фудбалски региони во државата“ – истакна Сејдини притоа дополнувајќи:

„Развојот на инфраструктуата треба да се шири и надвор од Скопје. Токму затоа инвестираме во терени со вештачка трева во Дојран, Илинден, Липково и Тетово, со изградба на соблекувални во Илинден, Липково, Драчево, Свети Николе, Кравари, Велес, Демир Капија, Добридол и Куманово и со реновирање и реконструкции во Кичево и Кочани и со терени со природна трева во Куманово и Радовиш“.

Првиот човек на ФФМ верува дека македонската селекција оваа година ќе бележи успешни настапи во Лигата на нациите.

„Сите ние во фудбалот сме долги години и на сите нас ни е јасно дека само резултатот може да ги донесе навивачите на стадион. Успехот на терен го зголемува интересот и го враќа угледот на репрезентацијата. Заслужни за тоа се фудбалерите и стручниот штаб. Наша обврска е да им ги обезбедиме сите услови и сигурен сум дека е така. Но, наше е и да се стремиме кон добри резултати, посебно во Лига на нации во група во која објективно сме фаворити. Убеден сум дека истото го мислат и селекторот и стручниот штаб во А селекцијата“ – рече Сејдини.

„Во рамки на федерацијата, знаете и сите вие, стремежот е секој оддел да има своја автономија. Почнувајќи од натпреварувачката комисија, младинските сектори или Комисијата за женски фудбал, па се до Судиската организација. Тоа значи и поголема одговорност за сите нив. Сите тие сметам дека професионално ја вршат својата работа и поради тоа Федерацијата е брана за сите евентуални удари кон нив“.

Муамед Сејдини потенцираше дека Македонија и тоа како е ценета во европски и светски рамки

„Она на што особено сум горд се пријателствата и контактите што ги имаме во Европа и Светот. Имаме исклучителен однос со претседателот на УЕФА, Александар Чеферин и со останати влијателни луѓе од УЕФА и ФИФА. Тие знаат дека во ФФМ имаат сигурен партнер за сите идни проекти. Тоа е од взаемна корист. Во година во која одбележуваме три децении од членството во УЕФА, не можевме ниту да сонуваме подобар однос со Европската фудбалска асоцијација. Тука сме и со кренати глави стоиме пред вас претставувајќи го извештајот за постигнатите резултати согласно планираното. Работиме со континуитет и ќе продолжиме да инвестираме пред се во инфраструктурата. Лигата е интересна и неизвесна, а вложувањата во младинскиот и женскиот фудбал се најголеми во историјата. Извештајот што го имате пред вас најдобро го покажува обемот на активности и проекти на Фубдалската федерација на Македонија“ – рече претседателот на ФФМ, притоа заокружувајќи:

„Од се срце им благодарам на сите вработени во ФФМ, на Вас, делегатите на Собранието и членовите на Управниот одбор, на клубовите, тренерите, фудбалерите, судиите и целиот фудбалски персонал за придонесот во развојот на македонскиот фудбал. За мене, вашиот квалитет и работа ја надминува реалната рамка на државата. Она што заеднички го правиме е над сите очекувања. Потврда за тоа е видеото во кое ги гледаме најголемите инвестиции на ФФМ во изминатиот период. Штип, Велес. Охрид, Чаир, Битола, Чепчиште, Скопје. Уште еднаш благодарност до сите вас што ја прифаќате основната улога и функција на фудбалот. Да не зближува. Нас луѓето и нациите“.

Се вчитува...