Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров, како што претходно објави ЕКИПА, и официјално е именуван за нов селектор на македонската сениорска репрезентација.
Како што информираше претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, на вчерашниот состанок на Управниот одбор е донесена одлука Лазаров да ја преземе работата со националниот тим.
„Денеска ја имам посебната чест и привилегија, сакам да кажам една вест што е многу важна за натамошниот развој на македонскиот ракомет. На вчерашниот состанок на УО на РФМ донесовме одлука за нов селектор – тренер на машката репрезентација да го избереме апсолутно најголемиот спортист во историјата на Македонија – КиреЛазаров“ – истакна Живко Мукаетов на онлајн прес-конференцијата со македонските медиуми, притоа дополнувајќи:
„Се договоривме со Кире Лазаров тој да биде нов селектор – тренер на машката ракометна репрезентација, во период од една година додека ја добие мастерс-коуч дипломата. Потоа тој ќе добие четиригодишен договор како селектор. За мене е чест и привилегија да ви ја соопштам таа вест, бидејќи ова е голем ден за македонскиот ракомет. Пресреќен сум што заедно со Лазаров ќе ги биеме битките за македонскиот ракомет…“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА