На денешниот состанок на Управниот одбор на РФМ, претседателот Живко Мукаетов даде свој осврт на настапот на македонската репрезентација на Светското првенство во Германија притоа оценувајќи го како неуспех пласманот и необезбедувањето место меѓу 12 најдобри селекции на Мундијалот.
„Може да кажам дека неуспех е тоа што не успеавме да се пласираме меѓу најдобрите 12 репрезентации на Светското првенство. Тоа е мое гледиште секако на нашиот настап на Мундијалот. Сега треба добро да се фокусираме на дуелот против Турција во квалификациите откако одигравме два квалитетни натпревари против Исланд. Но, не смееме во иднина непрофесионално да дозволиме непотребни киксеви“ – истакна Мукаетов.
Ракометната федерација на Македонија најави премија за ракометарите за обезбедниот пласман на ЕП. Претседателот Мукаетов информираше дека премијата ќе изнесува 40.000 евра доколку сениорите бидат на првото место во групата, а 30.000 евра доколку избраниците на Брестовац завршат на втората позиција.
Пред Управниот одбор на РФМ својот план за следните активности го презентираше и селекторот Данило Брестовац кој информираше дека за последните два натпревари од квалификациите за ЕП 2020 собирот ќе биде на 8. јуни во Скопје.
„Секако, желбата е што подобро да се подготвиме за натпреварите против Турција и против Грција на кои сакаме со две победи да ги заокружиме квалификациите. Но нашата интенција во иднина не е само пласман на големите натпреварувања, но и да се создаде репрезентација за долги патеки со сериозни подмладувања“ – рече Брестовац.
Натпреварот со Турција се игра на 12. јуни во Ескишехир, додека Грците ќе ги пречекаме во „Борис Трајковски“ во Скопје на 16. јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА