ЕКИПА во Љубљана,
Стеван Цаневски
Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, на денешната завршна прес-конференција на ЕП 2022 во Љубљана искажа благодарност за укажаната доверба, Скопје и Македонија да бидат ко-домаќини на ова големо натпреварување.
„Почитуван претседателе Видерер, членови на Извршниот комитет на ЕХФ, претставници на медиумите, драги ракометни пријатели… Пред се, сакам да му се заблагодарам на ЕХФ што искажа доверба во Ракометната Федерација на Македонија за така важен проект како што е ЕП 2022 за жени. Од самото поднесување на нашата апликација заедно со федерациите на Словенија и на Црна Гора, пред повеќе од пет години, се што сторивме, од аспект на логистика, стратегија и инфраструктура, се беше посветено во служба на овој шампионат“, изјави Мукаетов.
Првиот човек на куќата на ракометот e горд на сработеното, со што Македонија доби шанса по една деценија да биде дел од едно големо натпреварување во женска конкуренција.
„По пет европски и три светски млдински шампионати, презадоволни сме што ова сениорското беше вистински успех. Женскиот ракомет има долга традиција во Македонија, датира уште од 1930 година. Огромна чест ни е, што по десет години пауза бевме во можност нашите сениорки да ги вратиме на највисокото ниво, во фокусот на вниманието на едно големо натпреварување. Во изминатите седмици, нашата арена беше „местото каде што сите сакаат да бидат“. Така, напорната работа од повеќе од пет години беше за вистинската кауза – промоција на ракометот од секој аспект. За тоа, сакам да им се заблагодарам на сите кои работеа на проектот: над 70 волонтери, вработени во федерацијата, посветени партнери и соработници, кои ни даваа поддршка, како и македонските медиуми кои блиску го следеа настанот. Но пред се, сакам да изразам благодарност до ЕХФ за довербата во нас, искрено верувам дека оваа меѓусебна доверба и позитивна соработка ќе продолжат и во иднина“, истакна Живко Мукаетов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА