Македонската ракометна репрезентација е подготвена за предизвикот што го носи настапот на СП 2025, на кој „црвено-жолтите“ ќе атакуваат на учество во главната рунда и што подобар пласман на Мундијалот што нашите ракометари ќе го играат во Вараждин.
Македонија е дел од групата Д заедно со Унгарија, Холандија и со Гвинеја, а сите присутни на денешната прес-конференција беа едногласни во желбата – да се мине првата фаза од СП 2025.
„Мило ми е што и оваа година ја почнуваме со подготовки за настап на едно големо натпреварување. Голема благодарност до Македонски Телеком што осум години соработуваме заедно, мило ми е што останува партнер на РФМ. Благодарност до нашите ракометари, до стручниот штаб и до целокупната јавност, ги повикуваме фановите да дојдат и во што поголем број да не бодрат, оваа репрезентација тоа го заслужува. Прва желба ми е да минеме најмалку 12 дена, да ја минеме онаа прва фаза. За мене лично ќе биде успех ако забележиме најмалку три победи на овој шампионат. Тоа е моја лична желба за овој мундијал“, изјави Живко Мукаетов, првиот човек на Ракометната Федерација на Македонија.
Првиот човек на Македонски Телеком, Никола Љушев, им посака многу среќа на нашите ракометари на претстојниот светски шампионат.
„Почестени сме со оваа прес-конференција и продолжувањето на партнерството на РФМ, веќе осум години сме верен партнер на Ракометната Федерација на Македонија. Во желба да ја мобилизираме јавноста, ја организираме оваа прес-конференција за да посакаме многу среќа успех. Сите погледи се свртени кон ракометарите и селекторот Лазаров, од срце ви посакувам добар успех и пласман во главната фаза“, изјави Никола Љушев на денешната прес-конференција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА