Првиот човек на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, не крие дека е разочаран од континуитетот на слаби резултати на женската репрезентација. Потсетувајќи дека за три години нашата земја ќе биде ко-домаќин на европски шампионат, Мукаетов апелираше на многу посериозни активности во наредниот период, за да се надмине очигледната криза во оваа национална селекција.
„Не можам да изразам задоволство од резултатите во моментов. Се надевам дека во наредниот период ќе испливаат на површина некои ракометарки, бидејќи знаеме дека се ближи првенството на кое ние сме домаќини. Затоа, барам многу поголема мобилност и активност, треба сите да засукаме ракави за да придонесеме да се направи чекор напред. Тука можам да дадам критика и за себе и за федерацијата, како и за луѓето кои ја водат репрезентацијата дека мора да се работи уште понапорно за да се најде излез од ситуацијата која воопшто не е розова“ – истакна Мукаетов.
Женската ракометна репрезентација веќе подолго време не е дел од големите натпреварувања. Новиот квалификациски циклус, во групата за ЕП 2020, „црвено-жолтите“ го стартуваа со два убедливи порази, на гостувањето во Шведска со резултат 35-26 и на домашен терен од Чешка (29-37).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА