Раул Гонзалес денеска и официјално беше промовиран за нов селектор на машката ракометна репрезентација на Македонија. Шпанскиот тренер доаѓа на местото на Лино Червар со кој РФМ предвреме го раскина договорот по неговата одлука да ја преземе репрезентацијата на Хрватска. Раул Гонзалес е 18-ти селектор на машката ракометна репрезентација во изминативе две децении и тој со РФМ потпиша договор до 1. септември 2020 година.
„Изминатиов месец ние бевме активни за ангажирањето на нов селектор на машката репрезентација на Македонија и можам со задоволство да констатирам дека на денешната седница на УО на РФМ одлучивме нов селектор да биде Раул Гонзалес. Морам да истакнам дека за селектор ќе имаме модерен светски тренер, некој кој е докажан во ракометниот спорт и кој од година во година бележи се подобри резултати со Вардар. Се надевам дека добрата работа и системот што Раул го воспостави во Вардар ќе ја пренесе и во националниот тим“ – истакна претседателот на РФМ, Живко Мукаетов на денешната официјална презентација на новиот селектор на машката репрезентација на Македонија.
РФМ со Раул Гонзалес потпиша договор со важност до 1. септември 2020 година со цел да се реализира една долгорочна програма и стратегија.
„Договорот со Раул Гонзалес е од 1. април 2017 до 1. септември 2020 година, но секако ќе разговараме и ќе се договараме за работата од циклус во циклус. Прв приоритет сега ни се квалификациските натпревари и пласманот на ЕП 2018 во Хрватска. Идејата ни е да работиме долгорочно, да воспоставиме систем и ова да биде еден нов почеток“ – нагласи Мукаетов.
Официјалното деби на Раул Гонзалес на клупата на македонската репрезентација ќе биде на 4. мај во Скопје, на првиот квалификациски натпревар против Исланд за пласман на ЕП 2018. Три дена потоа Македонија му гостува на Исланд, а во јуни се завршните два дуели со Чешка на домашен терен и со Украина во гости.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА