Мукаетов за Миркуловски и Стоилов: Спортисти за пример, ќе имаат испраќање какво што заслужуваат

Првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов, јавно им се заблагодари на Филип Миркуловски и на Стојанче Стоилов за огромниот придонес што го имаат дадено за македонската репрезентација.

Дуелот со Чешка беше последен за двајцата асови во репрезентативните кариери, но Мукаетов најави уште една можност за македонската публика да им искаже благодарност за бројните настапи во црвено-жолтиот дрес.

„Јас би сакал да го изразам моето задоволство од сето она што се случуваше во овие два месеци, благодарност до сите оние кои се вклучени во ракометната репрезентација. Сметам дека се издигнавме по еден тежок период и остваривме одличен резултат. Ние и како репрезентација и како народ сме емотивни и многу ни значеше што играме пред полна сала, кога чувствуваме каква поддршка се добива одлуѓето околу. За мене ова е едно големо задоволство, нашите спортисти покажаа дека имаат неверојатно достоинство, нешто што сериозно фали во оваа држава, покажаа како треба секој поединец да се бори за својата земја, како колектив може да се бори за Македонија. Искрено сум задоволен, заедно со целиот Управен Одбор, што успеавме да го оствариме овој успех. Што се однесува до играчите кои долги години беа столбови на репрезентацијата, прво една огромна благодарност и до Миркуловски и до Стоилов, сите тие заслужуваат едно величествено испраќање и ние планираме посериозна организација, за на вистински начин да им се заблагодариме, да имаат испраќање во полна сала, како што тие заслужиле, затоа што тие не само што дадоа многу на терен, туку и беа модел за сите останати да учат што значи да се биде репрезентативец“, истакна Мукаетов пред Управниот Одбор на РФМ.

Се вчитува...