Новиот македонски суперлигаш Мулти Есенс е првиот финалист на турнирот „Миле Нешкоски“ во Прилеп откако попладнево во скопската пресметка славеше над Пролет со 29-25. Младиот тим на Иван Марковски го контролираше резултатот во големи периоди од мечот, пред крајот на првото полувреме по израмнетите 11-11 успеа да се одлепи и на одмор да замине со удобно водство од 16-12.
Пролет се обиде да се врати во второто полувреме, но Мулти Есенс одлично се снајде, не дозволи противникот посериозно да се приближи и на крајот заслужено се радуваше на победата. Во вториот меч од оваа група денеска се среќаваат Кокс – Еурофарм Пелистер 2, но бидејќи Мулти Есенс има триумф над Кокс и реми со битолчани, скопскиот клуб веќе е пласиран во големото финале.
Таму младиот состав предводен од тренерот Марковски ќе се сретне со подобриот од денешниот меч меѓу домаќинот Прилеп и српскиот прволигаш Дубочица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА