Во последните педесетина години не поминала ниту една голема спортска приредба која како свој заштитен знак немала маскота. Така е и со светските првенства во фудбал, каде популарните маскоти почнаа да се појавуваат на мундијалот во Англија во 1966 година. Оттогаш, најголемата смотра на најважната споредна работа на светот не може ниту да се замисли без придружба на маскота.
Во историјата на фудбалските шампионати на планетата прв како маскота влезе еден лав. Вили беше заштитен знак на Светското првенство одржано во Англија, а тој се покажа како таличен за домаќинот затоа што селекцијата на Гордиот Албион успеа за првпат, а досега и единствен, да го освои најпосакуваниот трофеј во фудбалот.
На наредниот мундијал почна на ерата на „момчињата“ кои од 1970 до 1978 година, на три натпреварувања, ја преземаа функцијата на маскоти. Најпрво Хуанито, со препознатливото сомбреро беше маскота на Светското првенство одржано во Мексико, а потоа и Тип и Тап претставуваа симболи на светскиот шампионат во Западна Германија. Домаќинот и на СП во 1974 година стигна до светската круна, а имаше можност да ја прослави титулата со своите маскоти.
Последниот човечки лик кој беше заштитен знак на ФИФА на едно Светско првенство беше Гаучито, маскотата на мундијалот во Аргентина во 1978 година. За разлика од правите гаучоси, оваа маскота го носеше дресот на фудбалската репрезентација на Аргентина , но сепак не изостанаа и препознатливите традиционални детаљи како шамијата и бичот.
Цели дваесет години и пет различни графички решенија поминаа од успехот на генерацијата на Диего Марадона и на Марио Кемпес за наредниот победник на мундијалот повторно да добие шанса да ја прегрне маскотата и да и се радува на титулата со домашните фанови. Билките накусо го преземаа приматот меѓу маскотите, па така портокалот Наранџито го одбележа Светското првенство во Шпанија во 1982 година, а пиперката Пике беше главна атракција на мундијалот што се одржа во Мексико во 1986 година.
Враќањето на мотивите од животинскиот свет се случи после мундијалот во Италија каде заштитен знак беше голгетерот составен од коцки „Чао“. Четири години подоцна, во 1994 година во Соединетите Американски Држави се појави кучето „Страјкер“ кое асоцираше на зборот на англиски јазик што означува фудбалски напаѓач. Нормално, кога е Франција во прашање тука е неизбежниот петел, кој доби име „Футикс“ и ги предводеше „триколорите“ до светска титула на домашен терен во 1998 година. Секако, поважен од петелот беше само Зинедин Зидан кој одигра маестрален мундијал и го покори фудбалскиот свет.
Првото светско првенство кое заеднички го организираа две држави, Јапонија и Јужна Кореја, ќе остане запаметено и по досега единствените маскоти кои беа компјутерски генерирани. Откако Ато, Каз и Ник неуспешно се обидоа да и се наметнат на планетата, која тешко можеше да го прифати нивниот изглед и да ја сфати нивната футуристичка суштина, на сцена по вторпат стапи кралот на животните.
Лавот „Голео“ беше една од двете маскоти на Светското првенство во Германија, а свој сопатник ја имаше и топката која зборува.
Леопардот Закуми беше главен лик на Светскиот шампионат во Јужна Африка. Името го доби со игра на зборови, и тоа од – „ЗА“, што е меѓународна кратенка за Јужна Африка која се користи и за тамошните интернет домејни, а „куми“ на разни африкански јазици претставува „број десет“.
На минатиот мундијал во Бразил ја видовме Фулеко, инсект кој е специфичен токму за тие краишта од светот, а во Русија ќе не забавува волкот Забивака. Се разбира, напаѓач е, што е надеж дека на претстојното Светско првенство ќе видиме многу голови…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА