МУНДИЈАЛОТ Е СЕ ПОБЛИСКУ, Македонија со големо „реми“ од Белгија!

Македонската фудбалска репрезентација е се поблиску до својот најголем успех во историјата, до пласман на Мундијал. На најважниот натпревар против Белгија во Гент, успеа да одигра без голови, и да извлече голем бод, со кој се задржа на првата позиција на табелата. Секоја чест на избраниците на Благоја Милевски кои успеаја да ги издржат сите налети на Белгијците, на моменти мора да се признае дека имаа и среќа, меѓутоа сето ова го заслужија со борбена и максимално дисциплинирана игра. Македонија дојде во Гент до она кое го посакуваше. Ќе се заборават и сите шанси, и целата иницијатива на Белгија, и „бункерот“ кој го играше Македонија, ќе се памети резултатот, а уште повеќе ќе се памети ако Македонија на крајот заврши како првопласирана и стигне до Светското првенство. Секоја чест за Димитриевски, за одбраната која имаше тешка задача, за средниот ред кој многу истрча, за нападот кој се бореше како да дојде до топка и да ги држи Белгијците. Сите заслуѓуваат пофалби за овој голем резултат.

Првото полувреме, како и целиот натпревар, мина со жестока иницијатива на Белгија. Македонија почна со пет играчи во одбрана, се бранеше дисциплинирано од налетите на Белгијците, кои немаа решение како да дојдат до посериозна шанса. Играта со бескрајни ниски додавања не даде плод, па се обидоа и со центаршутеви од страничните позици, меѓутоа и тоа не беше доволно да дојдат до водство. Избраниците на Благоја Милевски се бранеа на моменти и со сите играчи на 25 метри од голот на Димитриевски, но успеа да ги издржи налетите на Белгија.

Играта по крилните позиции, пред се форсирањето на Доку не беше доволно за Белгија. Најсериозната прилика во првото полуивреме Белгија ја имаше по мешаница и конфузија во македонската одбрана. Салемакерс на крајот се обиде, па во последен миг изблокира Атанасов, а имаше блок и на уште 2-3 обиди на Белгијците во истата акција.

Тросар со глава и Де Бруине со удар беа непрецизни по македонскиот гол, па така на одмор се замина со почетниот резултат.

Во вториот дел измена на Ашковски, и промена во тактиката. Сега Македонија се бранеше со четири играчи, со Стојчевски како бек, а Чурлинов понапред. Белгија и понатаму ја играше својата игра. Со бескрајни додавања, и чекање до крај да бидат нападнати, а само индивидуалните потези на Доку придонесоа да се случуваат шанси пред голот на Димитриевски. Таква една ја одбрани одлично нашиот голман во 61. минута. Крилниот играч на Белгија одлично мина, излезе победник со одбраната на Македонија, но не и со Димитриевски. Следна минута нова голема шанса за Белгија. Ванакен го проигрува нововлезениот Опенда, кој беше осамен на десната страна, ама Димитриевски беше тука кога беше најтешко. Македонија ги издржа и овие налети на Белгија.

И двајцата селектори во последните 15 минути освежуваа во своите селекции. Белгија упорно го бараше патот кон водството, Македонија со мислите само како да ја сочува мрежата. На теренот работите не се променија, Белгијците и натаму со доминација, нашиот национален тим фокусиран смо како да ги сопре налетите на противникот. Нервозата кај домашните беше евидентна од нивната немоќ да дојдат до посакувано водство.

Притисокот на домашниот национален тим беше се поголем, се повеќе уфрлања од Доку од левата страна, и се помалку надеж за „Црвените ѓаволи“ дека ќе дојдат до трите бода. Ударот на Фофана во 88. минута го одбрани одлично Димитриевски. Македонија го издржа и шестминутното надополнување и така остана непоразена во Гент.

БЕЛГИЈА – МАКЕДОНИЈА       0-0

Планет Груп Арена во Гент. Гледачи: 20.000.

Судија: Умут Мелер (Турција).

Стрелци: /

Ж. Картони: Теате, Де Бруине (Б) – Ашковски, Костадинов (М).

БЕЛГИЈА: Куртоа, Кастањ (89’ Мение), Дебаст, Теате, Де Кујпер (89’ Сејс), Ванакен (75’ Онана), Раскин, Де Бруине, Салемакерс (59’ Опенда), Доку, Тросар (75’ Фофана).

Селектор: Руди Гарсија.

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски. Зајков, Стојчевски (74’ Деспотовски), Муслиу (83’ Велковски), Ашковски (46’ Чурлинов), Алиоски, Барди, Атанасов (74’ Алими), Костадинов, Елмас, Миовски (57’ М.Ристовски).

Селектор: Благоја Милевски.

Се вчитува...