Се е подготвено за стартот на ракометниот мундијал во Египет, што ќе почне со денешниот дуел меѓу домашната селекција и репрезентацијата на Чиле (18 часот). Дел од собирот на светската ракометна елита ќе биде и Македонија, откако нашиот национален тим вчера доби повик да ја замени Чеша во групата Г.
Претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, долго време инсистираше мундијалот во неговата земја да се игра без публика, за по заканите на дел од најголемите „ѕвезди“ за недоаѓање во Египет, конечно да се донесе одлука целиот светски шампионат да биде одигран без публика.
Актуелен светски првак е Данска, која ќе има тешка задача да ја одбрани круната. Франција е значително ослабена во однос на претходните шампионати, а фаворитската улога според многумина ќе ја има Норвешка предводена од извонредниот Сандер Сагосен. Речиси комплетен е европскиот првак Шпанија, каде ќе недостига пивотот Агинагалде, но и Хрватска, која лани стигна до европското сребро, а предводена од Лино Червар годинава повторно најавува атак на медал.
Едно е сигурно, најважно е што спортот повторно успеа да опстане во корона-услови, бидејќи запирањето на големите натпреварувања и во 2021 година нема да донесе ништо добро.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА