Мундијалска најава за Македонија: Нов почеток со легендата Кире Лазаров како селектор

Македонските ракометари на Маврово ја одработуваат првата фаза од подготовките за СП 2023, каде „црвено-жолтите“ се надеваат на минување на првата фаза во која за противници ќе ги имаат Норвешка, Аргентина и Холандија.

Светската Ракометна Федерација (ИХФ) на официјалната веб-страница го најави настапот на Македонија во групата во Краков, во преден план ставајќи го Кире Лазаров, за кого ова ќе биде прв мундијал како селектор на националниот тим.

„Нова зора за македонската сениорска ракометна репрезентација, откако нивната легенда и најдобар стрелец Кире Лазаров стави крај на играчката кариера. Сепак, Лазаров не се откажа од Македонија, туку стана селектор. Недостигот на искуство можеби ќе беше проблем за некој друг, но за играч со така престижна кариера се мина перфектно, без оглед на притисокот со кој се соочуваше“, се вели во најавата на ИХФ за македонскиот национален тим.

Македонија стигна до мундијалски билет минувајќи два баражи, најпрвин славејќи во двомечот со Романија со вкупни 52-46, за во драматичните дуели со Чешка да славиме со 51-49.

„Лазаров почнува да гради нов тим. Сепак, во македонскиот табор се уште има искусни играчи кои се душа на тимот, како крилото Дејан Манасков кој се враќа во репрезентацијата, и голманот Никола Митревски, кој дава поинаква димензија на тимот“, анализираат од медиумскиот тим на ИХФ.

Македонија е редовен учесник на ракометните мундијали, настапот во Полска/Шведска ќе биде вкупно шести во низа за оваа земја, која на последниот светски шампионат влезе како замена за Чешка по корона-хаосот што завладеа во оваа селекција денови пред стартот на мундијалот.

Настапот на СП 2021 во Египет го донесе и најслабиот пласман на Македонија, со освоеното 23. место, далеку зад она деветто место освоено во 2015 во Катар, што е најдобар пласман на „црвено-жолтите“ на еден ракометен светски шампионат.

„Норвешка, Аргентина и Холандија се предизвиците за Македонија во борбата за пласман во главната рунда, за нов притисок врз Кире Лазаров, чија селекција мора да покаже барем некои позитивни знаци во блиска иднина“, се вели во крајот на анализата на ИХФ за македонскиот национален тим.

Се вчитува...