МУНДИЈАЛСКА БАЈКА – Прости Хојлунд, ама Франција или Германија не е ниту Данска!

ЕКИПА во Копенхаген,
Владимир Булатовиќ

„Не знам зошто би стравувале. Па, Македонија не е ниту Франција ниту Германија“ – ќе рече најдобриот дански репрезентативец и соиграч на нашиот Елиф Елмас од Наполи, Расмус Хојлунд како најава за полуфиналната плејоф пресметка вечерва на „Паркен“ во Копенхаген.

И, веројатно, сосема точно. Македонија ниту е, ниту може да биде Франција или Германија. „Не дај Боже“, ќе речат оние, под оптовареноста на политиката, а низ призмата на „источномилувателската“ наспроти „прозападна“  ориентација. Фудбалски погледнато, пак, реално може и да жалиме што не сме Франција или Германија. Ама, не жалиме! Затоа што, веројатно, тогаш ќе си ја изгубиме страста за фудбалот и националниот тим кои секогаш си ги гледаме како да се работи за „живот или смрт“! Па, сигурно ќе ни недостасува тоа, колку и да ни пречи сега. Затоа што така сме си родени, така сме си учени!

А, Хојлунд, пак, со неговата изјава, како што рече и капитенот Енис Барди, успеа само да ги разгори страстите во националниот тим. Без сомнение, дополнително да ја разгори страста токму меѓу оваа група репрезентативци кои изминатите две години, под палката на Благоја Милевски, го изгради мундијалскиот пат на кој сега ги очекуваме последните два чекори. Последните два чекори како потврда на се што се градеше изминатите две години!

Македонија, вечерва, апсолутно не треба да биде ниту Франција ниту Германија… Барди, Елиф, Столе, Трајко, Дарко… и останатите, нека бидат само онака свои какви ни беа и кога ја победија Германија, и кога на ЕП играа, и кога ја елиминираа Италија, и кога Б-дивизија во Лига нации обезбедија, и кога Белгија ја смирија… Ништо повеќе! И нека играат само за себе и националните бои, за сите македонски поддржувачи, и оние кои се тука во Копенхаген и оние кои желно го чекаат мечот во цела Македонија. Но, и за оние соиграчи и членови на стручен штаб со кои беа две години на мундијалскиот пат а сега не се во Данска!

Да. Фудбалски можеби не сме Франција и Германија. Ама и тоа како си имаме свои бајки, од типот на оние на копенхагенецот Ханс Кристијан Андерсен. „Грдото пајче“ и неговата симболика на трнливиот пат до успехот, и тоа како и нам ни се познати…

Затоа што, и ние а верувам и сите наши репрезентативци, знаат дека: Прости Хојлунд, ама ниту Данска не е Франција или Германија!

Се вчитува...