ФИФА ќе мора да реагира и дополнително да избере уште еден судија за претстојниот мундијал, откако еден од арбитрите одредени за СП 2018 денеска беше суспендиран, и тоа за лажирање на натпревари.
Станува збор за Фахад ал Мирдаси, познат судија од Саудиска Арабија кој веќе ја делеше правдата на големите светски натпреварувања, а беше предвиден и за собирот во Русија. Сепак, фудбалските власти во Саудиска Арабија објавија дека Мирдаси е суспендиран поради обид за местење на натпревар од Купот на Кралот на оваа земја.
Тој признал дека бил контактиран од клубот Ал Итихад во пресрет на финалето против Ал Фаисали, при што ја прифатил понудената сума. Мечот на крајот го судеше Британецот Марк Клатенбург, а против Мирдаси би можел да биде покрената и кривична постапка.
ФИФА ја потврди оваа информација за ББЦ, па се очекува во најскоро време светската куќа на фудбалот да го објави името на судијата што ќе го заземе местото на Мирдаси на мундијалот во Русија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА