После пласманот во полуфиналето на Купот со победата на пенали над Струга ТЛ, екипата на Шкендија ја очекува уште една гостинска задача и во Првата лига на Македонија, и дуел против Македонија ЃП.
Шампионот влегува во пресметката со полн оптимизам, затоа што остана единствениот тим кој може на крајот да дојде до двата пехари, а дефанзивецот Мевљан Мурати очекува до крајот на сезоната екипата да го даде максимумот да дојде до двојната круна.
„Влегуваме во натпреварот во позитивна атмосфера, откако се пласиравме во полуфиналето на Купот. И Шкендија е единствениот тим кој е во трка за двата домашни трофеи, во Купот и во првенството, и се надевам дека ќе ги освоиме на крајот“, изјави Мурати, и додаде:
„Секој натпревар има своја вредност. Фокусирани сме од меч во меч. Досега постигнавме многу цели, и сега ќе ни биде нешто полесно, затоа што не очекува полесен распоред, а доаѓа и репрезентативната пауза и верувам дека ќе имаме време да се подготвиме и до крајот да ги исполниме целите“, заврши дефанзивецот на тетовските „црвено-црни“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

