Манчестер јунајтед не знае за победа во Премиер лигата веќе подолго од еден месец, но Мурињо порачува дека е задоволен како неговите фудбалери се борат за дресот на тимот.
По синоќешното реми со Арсенал (2-2), Мурињо потенцираше дека во одбраната играле слабо што е причина за ремито.
„Како и секогаш направивме грешки во одбраната и плативме за нив. Сепак, благодарение на одличниот тимски дух успеавме да се вратиме. Фудбалерите играа до самите граници на своите можности, иако знам дека се уморни. Покажавме душа и срце, Рашфорд даде се за дресот“ – вели по мечот Мурињо кој мораше повторно да се брани од нападите за играта и резултатите на својот тим.
„Оставете на мир, дајте ни време. Ете повторно ќе кажам дека не сум согласен со сите оние кои се обидуваат да го споредат овој Манчестер со оној во кој играа Ван Нистелрој, Рој Кин или Видиќ… Ние ги немаме нив, ова е нов тим и може да кажам дека сум задоволен од начинот на кој играме, но се уште не сме константни иобединети“ – порача Мурињо.
Манчестер јунајтед по ремито со Арсенал остана на осмото место со дури 18 бода помалку од лидерот Манчестер сити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА