Карло Анчелоти веќе подолго време се поврзува со преселба на функцијата селектор на Бразил, бројни медиуми информираа дека искусниот Италијанец следното лето по истекот на договорот со Реал Мадрид ќе се пресели во Јужна Америка, но Жозе Мурињо не верува во тие шпекулации.
Трофејниот португалски стручњак говореше на темата Реал Мадрид, при што делуваше убедено дека Анчелоти ќе потпише нов договор со клубот во наредните месеци.
Мурињо заедно со Анчелоти и со Зидан се тројцата тренери кои стигнале до 100 средби на чело на Реал по заминувањето на Дел Боске пред 20 години, па „специјалниот“ не верува дека Флорентино Перез воопшто ќе бара нов кормилар.
„Кога имате супер тренер, зошто би барале нов. Познавајќи го Флорентино, а јас го познавам многу добро, тој е изразито интелигентен човек и ако читате меѓу редови во мадридските медиуми, работата е прилично јасна. Јас како голем фан на Карло Анчелоти само се надевам дека ова ќе биде успешна сезона и тој ќе потпише нов договор. Не се сомневам во желбата на Карло да остане, мислам дека во оној момент кога Флорентино ќе му се јави експресно ќе биде постигнат нов договор. А Флорентино ќе му се јави, тоа е сигурно. Само луд човек може да го напушти Реал Мадрид ако Реал Мадрид сака тој човек да остане. А има само еден таков луд човек, тоа сум јас -по три години управата беше толку цврсто решена да ми даде се за да останам, но јас имав одлучено дека е време да си заминам. Бев луд“, изјави Мурињо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

