Жозе Мурињо ја искористи денешната прес-конференција пресрет на утрешниот дуел со Хадерсфилд за конфликт со дел од британските новинари. Тема – информациите дека Пол Погба е разочаран од Мурињо и сака да си замине од „Олд трафорд“, дека Французинот е незадоволен од позицијата што ја има во тимот, што според „специјалниот“ е апсолутно неточно.
„Лага е дека јас и Погба сме скарани, но дел од новинарите ионака пишуваат лаги со години наназад. Велат дека не играл на неговата најдобра позиција, а на последниот меч игравме со тројца во средниот ред, Матиќ поповлечен, Погба лево и Лингард десно. Прашајте го Погба кое му е омилено место во тимот, ќе ви каже – во формацијата 4-3-3 на левата страна од средниот ред. Затоа сум бесен, бидејќи се пишуваат глупости и се нарушува атмосферата во тимот“ – изјави Мурињо.
Тој не крие дека сепак очекува многу подобри настапи од францускиот ас во следниот период.
„Пол е многу значаен играч за нас, не е тајна дека кога тој не е на посакуваното ниво, на целиот тим му оди многу полошо. Факт е дека имаше проблем со повреда на стартот на сезоната, потоа влезе во ритам, па следеше црвен картон на дербито со Арсенал. Сега не е на посакуваното ниво, но тоа не е поради позицијата која ја игра. Сите го очекуваме што поскоро неговото враќање во топ-форма“ – порача Жозе Мурињо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА