Един Џеко е фудбалерот што ќе го замени Ромелу Лукаку во нападот на Интер откако „нероаѕурите“ постигнаа целосен договор со Рома околу висината на овој трансфер. Личните услови со Џеко беа договорени уште пред извесно време, па босанскиот голгетер денеска по лекарските прегледи ќе потпише двогодишен договор со актуелниот првак на Италија.
Рома не сакаше да даде зелено светло додека не биде најдена адекватна замена, но Жозе Мурињо на крајот даде „амин“, по што понудата на Интер беше прифатена. Се очекува нов голгетер на „римската волчица“ во текот на оваа седмица да стане Теми Абрахам, кој стана прекуброен во нападот на Челси по договорениот трансфер на Ромелу Лукаку. За услугите на Абрахам се интересираше Аталанта, но италијанските медиуми тврдат дека Мурињо го искорискил добриот однос со највисокото раководство на Челси и го договорил овој трансфер.
Што се однесува до Интер, информациите од Апенинскиот полуостров велат дека Лаутаро Мартинез дефинитивно нема да биде продаден во Тотенхем, а покрај Џеко ќе биде ангажиран уште еден напаѓач. Прв на листата со желби на Инзаги е Запата од Аталанта, а како „план Б“ се споменува Кореа од Лацио.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА