Жозе Мурињо повеќе не е менаџер на Манчестер јунајтед, откако управата на „црвените ѓаволи“ реши да му врачи отказ неполни 48 часа по поразот на големото дерби од Ливерпул. Португалецот се наоѓаше под огромен притисок во последните неколку месеци, не успеа да го врати тимот на победнички патеки, а фактот дека јунајтед заостанува 19 бода зад лидерот Ливерпул, на помалку од половина одиграни натпревари сезонава, беше јасен знак дека мора да се реагира што поскоро.
„Жозе Мурињо е отпуштен од функцијата менаер на Манчестер јунајтед. Сакаме да му се заблагодариме на Жозе за работата во изминатиот период и да му посакаме многу среќа за во иднина. Нов стратег ќе биде именуван како привремено решение до крајот на оваа сезона, додека клубот изврши темелна потрага по нов перманентен тренер за наредната сезона“ – се вели во клупското соопштение на најтрофејниот англиски клуб.
Португалецот добро ќе го наплати овој отказ бидејќи според новиот договор потпишан лани сега му следат 24 милиони фунти отштета, бидејќи тимот се пласираше во осминафиналето од ЛШ, а воедно и се уште има шанси за четвртото место во Премиер-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА