Мурињо ги шокираше сите по поразот: Судијата беше одличен, ќе се видиме во „пеколот“

Секогаш е интересно на прес-конференциите на Жозе Мурињо, особено кога неговиот тим ќе забележи пораз, но португалскиот стратег изненади многумина синоќа во Ротердам.

Фенербахче одигра одличен меч и несреќно загуби со гол во судиското продолжение од Феенорд, а Мурињо за разлика од многу пати претходно во својата кариера, причината за поразот не ја побара кај судијата.

„Знам дека сум познат по критикување на судии по порази. Сепак, денеска ќе кажам дека Глен Ниберг беше одличен. Тоа беше судење од светска класа“, почна Мурињо, изненадувајќи ги присутните новинари.

Потоа, „специјалниот“ се осврна на играта на својот тим, што сепак беше недоволна за позитивен резултат во Ротердам.

„Штета за резултатот, бидејќи играта беше одлична. Многу сум задоволен од она што го покажавме, овој прекрасен стадион на долги периоди беше многу тивок. Нашите противници, кои се добар тим, се мачеа, ние доминиравме, но за жал тоа не беше доволно за да стигнеме до добар резултат“, изјави Мурињо.

Тој е убеден дека Фенер ќе стигне до резултатот што му е потребен за да се пласира во следната фаза од квалификациите за ЛШ.

„Имам победувано на реванши со Феенорд, верувам дека пак ќе го сторам истото. Се ќе биде поинаку во Истанбул, на нашиот стадион. Ќе се видиме во пеколот на Кадиков“, им порача португалскиот стручњак на своите противници на крајот од прес-конференцијата.

Се вчитува...