Хенрик Мхитаријан е подготвен за трансфер надвор од Манчестер јунајтед откако стана јасно дека Жозе Мурињо повеќе не смета на неговите услуги, а згора на тоа португалскиот стратег ја одреди и цената што ќе ја бара за ерменскиот интернационалец. Клубовите кои сакаат да го видат Мхитаријан во своите редови ќе треба да се наддаваат почнувајќи од 35 милиони фунти, сума што „специјалниот“ ја смета за доволна за фудбалерот што на последните средби не се најде ниту на клупата за резерви на „ѓаволите“.
„Секој фудбалер има цена и доколку некој се согласи да ја плати, а играчот инсистира на заминување, јас нема да го држам сосила. Тоа беше случај со Депај и со Шнидерлин, ако се повтори со Мхитаријан, ако добиеме понуда што не се одбива, ќе дадеме зелено светло за трансфер“ – изјави Мурињо.
Ерменецот е во „војна“ со својот тренер уште од дербито со Челси на 5 ноември и веќе почна да ги разгледува опциите за продолжување на кариерата. Интер делува најзагреано за неговите услуги, а медиумите шпекулираат за размена со која Мурињо би го добил својот сонародник Жоао Марио во директна „трампа“ за Мхитаријан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА