Фудбалската заедница на Островот зуи за можно враќање што би можело да ја потресе Премиерлигата – Жозе Мурињо е подготвен веднаш да се врати на клупата на Челси, сега кога лондонскиот клуб е без менаџер.
По отказот за Енцо Мареска поради лоша серија резултати, Челси повторно бара нов главен тренер, а името на „Специјалниот“ повторно се појави во оптек. Иако Мурињо неодамна се врати во Бенфика, клубот каде што ја започна својата тренерска кариера и кој самиот го опиша како „стара љубов“, извори тврдат дека тој би го напуштил Лисабон без многу размислување доколку повикот дојде од Стемфорд Бриџ.
И Мурињо, наводно, не ја крие желбата да се врати во Лондон.
„Жозе Мурињо сака да се врати на позицијата тренер на Челси и е подготвен веднаш да го преземе тимот доколку клубот го контактира. Челси е неговата вистинска љубов, но се чини дека чувството не е взаемно. Челси сака современ тренер“, наведуваат португалските медиуми.
И покрај желбата на Мурињо, факт е дека раководството на Челси разгледува „понови“ и подолгорочни решенија, поради што неговото враќање засега е повеќе носталгија отколку конкретни планови.
По краткиот и турбулентен престој во Фенербахче, Мурињо ја презеде Бенфика, но очигледно враќањето во клубот каде што ја започна својата тренерска кариера нема да биде пречка ако се отвори вратата на неговиот омилен клуб.
Во својата кариера, тој ги водеше и Порто, Интер, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, Тотенхем и Рома, но кога ќе се спомене Челси, Мурињо е подготвен да стави сè друго на страна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

