Жозе Мурињо беше поврзуван со селекторското место во португалскиот национален тим, но трофејниот стратег сега е сериозна опција за уште еден топ-ангажман – за нов слектор на репрезентацијата на Бразил.
„Кариоките“ разочараа на СП во Катар, Тите веќе си замина од кормилото, а Бразилците се решени да ангажираат врвен тренер со успеси на европската сцена, се со цел за четири години конечно да се вратат на тронот на светскиот фудбал. Прва желба им беше Пеп Гвардиола, но тој потпиша нов договор со Манчестер Сити, но челниците на федерацијата се надеваат на поголем успех во разговорите со Мурињо.
Италијанскиот весник „Ла Република“ тврди дека Португалецот не е најсреќен во Рома и покрај бројните засилувања што му ги донесе управата, па доколку добие богата понуда би можел да се пресели во Бразил. Тој моментно се наоѓа во татковината со семејството за време на божиќните празници, а истиот извор тврди дека претставници на Бразилската Федерација денеска ќе пристигнат во Португалија и веднаш ќе се сретат со Мурињо и со неговиот агент Жорге Мендеш.
Се очекува преговорите да траат подолго време, а Бразилците очекуваат конечен одговор до крајот на месец јануари. Како опција се споменува и завршување на сезоната на Мурињо како тренер на Рома, по што летово целосно би се фокусирал на селекторската работа со „кариоките“, а во меѓувреме да биде именуван привремен наследник на Тите од некој од членовите на стручниот штаб на екс-селекторот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА