Мурињо: Најголема грешка ми беше што не го послушав Флорентино Перез…

Жозе Мурињо даде опширно интервју за италијанскиот весник „Кориере дело спорт“, во кое „специјалниот тренер“ одговараше на најразлични прашања поврзани со неговата кариера.

Интересно, за најголема грешка во кариерата Мурињо го посочи своето заминување од Реал Мадрид, на кое тој самиот инсистирал иако имал уште три години од договорот со „кралскиот клуб“. Откако во втората година на чело на Реал стигна до титулата во Ла Лига, Мурињо во третата сезона влезе во конфликт со клупските легенди Икер Касилјас и Серхио Рамос. Изостанаа и резултатите, Реал беше елиминиран од Борусија Дортмунд во полуфиналето од ЛШ, а во Копа дел реј го загуби финалето од Атлетико Мадрид.

„Флорентино Перез сакаше да останам и правеше се за да ме убеди. Ми рече: Не си заминувај сега, заврши со тешките работи, најдоброто допрва следи… Остани во Реал Мадрид. Сепак, тоа беше три тешки години за мене во Шпанија и сакав да се вратам назад во Челси“, обелодени Мурињо.

Тој ги избра и најдобрите партии што неговите тимови ги имаат одиграно низ годините…

„Тешко е да се избере, но еве неколку… Порто – Лацио 4-1, полуфинале од Купот на УЕФА во 2003, тие дадоа гол во 50. секунда и потоа не ја допреа топката. Интер – Баерн 2-0 во финалето, од првата минута се знаеше кој ќе победи. Манчестер Јунајтед – Тотенхем 1-6, можевме да им дадеме и осум-девет гола… Тешко е да изберам најдобра партија од оној мој тим на Челси со кој ја изедовме цела Премиер-лига“, во свој стил коментира Жозе Мурињо.

Се вчитува...