Мурињо: Она што мене ми ги припишуваат за неуспех, за сите останати е фантастичен резултат

Италијанскиот фудбал дефинитивно ќе биде многу поинтересен наредната сезона со самото присуство на Жозе Мурињо. Португалаецот предизвика еуфорија во Рома прифаќајќи ја понудата на „волчицата“, а на официјалната прес-конференција сепак не сакаше да лета во облаци, потенцирајќи дека битките во наредниот период нема да бидат нималку лесни.

Токму поради ова, тој е дециден дека ќе мора многу да се напредува за Рома да се вмеша во биткаата за трофеите.

„Секогаш сакаме да зборуваме за трофеи, но ова е проект и треба да работиме многу напорно. Најлесно е да дојдам овде и да ви ветам титула, но реалноста е поинаква. Со сопствениците се согласивме дека ова е долгорочен проект, сакаме да стигнеме до врвот и да останеме таму, а не да оствариме само инстант успех и Рома повторно да падне“, изјави Мурињо.

Веднаш потоа, Португалецот се осврна на критиките на негова адреса поради слабите резултати на последните клубови што ги водеше.

„Со Челси бев шампион во последната комплетна сезона пред да си заминам. Со Манчестер Јунајтед освоив три трофеи и ме претставија дека сум бил катастрофа. Со Тотенхем стигнав до куп-финале кое не ми дозволија да го водам, претставија дека и тоа било катастрофа. Она што мене ми го препишуваат за неуспех, за сите други е огромен успех“, прокоментира Жозе Мурињо.

Се вчитува...