Мурињо: Плачев и се молев за Ериксен… Бог го чуваше фудбалот

Страшните сцени од Копенхаген по колабирањето на Кристијан Ериксен за време на дуелот Данска – Финска се уште се главна тема во фудбалска Европа.

На неа се осврна и трофејниот стратег Жозе Мурињо, кој три месеци му беше тренер на данскиот плејмејкер пред Ериксен да се пресели од Тотенхем во Интер.

„Денеска не можам да престанам да размислувам за она што се случи вчера. Тоа е ден што треба да се слави, а не да се биде тажен. За среќа, фудбалот тргна во добар правец, со висока организација, протоколи, ниво на обучени доктори и специјалисти. Исто така, мислам дека Бог во тие моменти го чуваше фудбалот, овозможувајќи Кристијан да остане со нас, со свото семејство, да биде жив. Сето тоа е поважно од фудбалот, но целата ситуација ги извади на површина добрите вредности на фудбалот, љубовта, солидарноста, семејниот дух. Не зборувам за семејството на Кристијан, туку за фудбалското семејство низ целиот свет. Фудбалот ги обединува луѓето. Вчера јас плачев, плачев и се молев за Ериксен, како што верувам дека правеа и милиони луѓе низ целиот свет. Сите се обединивме со таа една единствена желба Кристијан да преживее и можеме да славиме што таа желба ни се исполни. Не сум зборувал со Ериксен, но разговарав со Пјер Емил Хојбјерг утрово, кој е крајно оптимистички расположен. Тоа е супер вест, затоа треба сите да славиме“, порача Жозе Мурињо.

Се вчитува...