Мурињо повторно без „влакна на јазикот“: Ако нешто не се промени ќе биде страшно…“

Жозе Мурињо е познат како човек без влакна на јазикот, а сега уште еднаш реши тоа да го покаже на дело.

Португалскиот стручњак и неговиот Фенербахче водат голема битка оваа сезона со Галатасарај и на теренот и надвор од него. Нив ги делат седум бода на табелата во турската Суперлига, но и натпревар помалку за Фенербахче.

Жозе Мурињо смета дека целиот систем и арбитража му одат во прилог на Галатасарај и многу често зборува за тоа.

Во интервју за „Скај спорт“, тој уште еднаш си ја отвори душата и го кажа она што го мисли, без никаков филтер – како што сме навикнати од него.

„Сите во Турција знаат дека ако нешто не се промени, невозможно е да се освои лигата. Да беа нормални околности, досега ќе ја освоевме лигата. Она што се случува во Турција е многу повеќе од спортско ривалство. Многу поголеми работи се случуваат овде, поголеми отколку што можете да замислите“ – вели Жозе.

62-годишниот тренер се осврна и на скандалот на мечот Адана Демирспор – Галатасарај кога фудбалерите на Адана решија да го напуштат теренот.

„Судијата беше толку пристрасен кон Галатасарај што играчите на Адана мораа да го напуштат теренот. Мораа да го направат тоа бидејќи судењето беше смешно до максимално ниво. Но, што беше уште посмешно? Фактот што играчите на Галатасарај останаа на теренот и ја славеа победата. Тоа не е победа. Можете ли да го замислите тоа во Англија? Е тоа е тешка борба за правда, но Фенербахче не може сам да ја води оваа борба и мора да се приклучат и други клубови и луѓе. И ова не го зборувам заради себе, затоа што јас утре ќе заминам, но ова треба да биде борба за клубот кој многу го сакам, како и за неговите навивачи“ – истакнува Мурињо.

Се вчитува...