Жозе Мурињо е задоволен со ремито на Манчестер јунајтед на гостувањето во Ростов (1-1) во првиот натпревар од осминафиналето во Лига Европа. Но, португалскиот тренер упати забелешка за лошиот терен и тоа го посочи како главна пречка за подобра игра на неговата екипа на овој натпревар во Русија.
Манчестер јунајтед поведе кон крајот на првото полувреме, но Ростов изедначи на стартот на второто полувреме што беше прв гол во мрежата на „црвените ѓаволи“ после 443 минути во натпреварите од Лига Европа.
„Добра игра со оглед на условите. Беше невозможно да се игра подобро, невозможно да се игра со повеќе додавања. Игравме онака како што можеше, и тоа добро. Се сеќавам кога бев дете на натпреварите во Португалија на нисколигашки и аматерски терени. Кога ги гледам своите играчи како се борат со тоа со страст за секоја топка, тоа ме прави среќен. Имаме отворен резултат за реваншот, блага предност, без повреди“ – изјави Жозе Мурињо по натпреварот во Ростов.
Реваншот на „Олд Трафорд“ ќе се одигра на 16 март. Во меѓувреме, Манчестер јунајтед во понеделник на 13 март ќе игра со Челси во четвртфиналето од ФА Купот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА