Манчестер јунајтед доживеа елиминација од ФА Купот на Англија, откако тимот на Мурињо синоќа беше совладан од Челси на „Стемфорд бриџ“ со 1-0. Многу полемики предизвика исклучувањето на Андер Херера, кој заработи два жолти картони по само 35 минути игра, а менаџерот на „црвените ѓаволи“, не можеше тоа да го премолчи.
„Нема да зборувам за црвениот картон. Но, ќе кажам дека сум горд на фудбалерите и на навивачите на Манчестер јунајтед. Имаме многу важен меч во четврток во Лигата на Европа и треба да се одмориме. Сите можат да го гледаат натпреварот од различна перспектива, но едно е јасно, имаше дуел пред црвениот картон и после тој момент. Не сакам да бидам директен, но ќе кажам дека судијата Мајкл Оливер има навистина голем потенцијал. Во четири меча досуди три пенали и црвен картон. Јас тоа не можам да го променам и тоа се факти. Му ја стиснав раката силно и му честитав“, изјави Жозе Мурињо по синоќешниот пораз, очигледно бесен на судиската одлука која многу влијаеше на четвртфиналниот дуел од ФА Купот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА