Мурињо: Треба да размислуваме за четвртото место, не за титулата

Манчестер Јунајтед заостанува три бода зад следниот противник во Премиер-лигата, Борнмут. Во пресметката влегува од осмата позицијата на табелата со само 17 освоени бода по десет одиграни кола. Затоа менаџерот Жозе Мурињо вели дека фокусот треба да биде насочен кон освојување на четвртата позиција, која води во Лигата на шампионите.

„Кога не сте на првите четири места на табелата, тешко е да се зборува за титулата. Наша цел е да освојуваме што повеќе бодови и до крајот од декември да бидеме на многу подобра позиција од онаа на која сме сега. Не е многу важно кога и против кого играте. Ние сега се среќаваме со Борнмут, потоа со Јувентус, и со Манчестер Сити и со Валенсија, пред Ливерпул. Тоа се сите претенденти за трофеи. И покрај тоа сметам дека до крајот на годинава нема да бидеме таму каде што сме сега“ – изјави Мурињо во пресрет на саботниот натпревар од 11. премиерлигашко коло.

Португалецот најави дека Алексис Санчез и Џеси Лингард се во конкуренција за настап на мечот против Борнмут. Манчестер Јунајтед има дури девет бода помалку од водечкиот тандем на табелата Манчестер Сити и Ливерпул.

 

 

Се вчитува...