Титулата во Премиер-лигата сезонава е веќе загубена, а Жозе Мурињо ќе добие нови 200 милиони фунти (плус парите од продажба на дел од фудбалерите) за да доведе уште неколку засилувања со кои догодина „црвените ѓаволи“ би атакувале на тронот на англискот фудбал. За трансферот на Антоан Гризман на „Олд трафорд“ се говори веќе подолго време, но каталонскиот весник „Спорт“ открива дека „специјалниот“ подготвува трансфер-бомба за претстојното лето. Нејмар е фудбалерот што Мурињо сака да го види во својот тим, а според „Спорт“ португалскиот стручњак веќе остварил неколку разговори со Бразилецот на оваа тема.
Нејмар барем засега не дал конкретен одговор, но јасно е дека бразилскиот интернационалец сигурно сериозно ќе ја разгледа оваа опција по завршувањето на сезонава. Тој е често критикуван бидејќи падна во сенка на Меси и Суарез во тимот на Барселона, па интересна понуда од друга држава може да го натера да размислува за промена на средината. Парите не се проблем за Јунајтед, па се шпекулира дека „ѓаволите“ ќе понудат 130 милиони евра за нов светски рекорд, уривајќи го сопствениот со ангажманот на Погба. Што се однесува до Нејмар, тој би заработувал 350.000 фунти неделно, пари што би се „ослободиле“ од летната продажба на Вејн Руни, кој како резерва во моментов добива по 300.000 фунти неделно на „Олд трафорд“.
Останува да се види дали евентуалното доаѓање на Нејмар би значело и заминување на Златан Ибрахимовиќ, чиј договор се уште не се продолжува. Покрај Нејмар и Гризман, Мурињо е сериозно заинтересиран и за шведскиот дефанзивец Линделоф од Бенфика, чиј трансфер во јануари беше стопиран, но речиси сигурно ќе се реализира во текот на летниот преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА