На Манчестер јунајтед не му оди најдобро, но наместо да гледа во сопствениот „двор“ Жозе Мурињо реши да отвори нов фронт, овојпат со Пеп Гвардиола. „Специјалниот“ му порача на поранешниот ривал од Барселона дека сега се соочува со суровата реалност на Премиер-лигата, откако претходните титули во Бундес-лигата со Баерн Минхен му биле купени.
„За Гвардиола ова е нов фудбал, не е тоа Германија. Таму Баерн ги освојува титулите во текот на летото, со тоа што оди и ги купува најдобрите фудбалери на Борусија. Една година тргнаа по Геце, следната по Левандовски, на крајот по Хумелс. Мислите ли дека јас можам да отидам до Тотенхем, да ги купам двајцата најдобри играчи и да го „убијам“ тој клуб. Секако дека не можам, исто како што не можам да купам фудбалер во Арсенал или во Челси, каде имам двајца фудбалери што ги сакам. Тоа е новата реалност, играч од ривалски клуб можете да купите само ако тој не е стандарден во својата екипа. Парите кои дојдоа од збогатените договори за ТВ права придонесоа и останатите екипи да се финансиски стабилни, па и самите да доведуваат скапи фудбалери“ – изјави Мурињо.
„Специјалниот“ со Манчестер јунајтед попладнево во 17 часот му гостува на шампионот Лестер, додека Гвардиола со Манчестер сити во 14.30 часот ќе го пречека составот на Свонси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА