Жозе Мурињо е цврсто решен да доведе нова фудбалска мегаѕвезда во Манчестер јунајтед, а Нејмар е последното име што се поврзува со преселба на „Олд трафорд“. Бразилецот пред неколку месеци потпиша нов договор со Барселона, но тоа не е проблем за „црвените ѓаволи“, кои се подготвени да испратат понуда што каталонскиот гигант нема да може да ја одбие.
Каталонскиот весник „Спорт“ во своето денешно издание објави дека Мурињо е во постојат контакт со Нејмар, обидувајќи се да го убеди извонредниот офанзивец да му се приклучи на „Театарот на соништата“ во Манчестер. Главен аргумент на „специјалниот“ е дека целиот тим ќе го гради околу Нејмар, кому ќе му даде шанса конечно да излезе од сенката на Меси, кој секогаш е во преден план во Барселона. Воедно, Бразилецот во Манчестер би заработувал 25 милиони евра „нето плата“ по сезона, што е значително повисока сума од онаа што ја добива со новиот договор со Барса.
Доаѓањето на Нејмар најверојатно ќе значи заминување на Златан Ибрахимовиќ, чиј договор истекува на крајот од сезонава, но не ги нарушува плановите на Мурињо за ангажман на Антоан Гризман за уште поголемо засилување на навалната линија на „црвените ѓаволи“. Сепак, за реализација на овој план „специјалниот“ е свесен дека најпрвин ќе мора да обезбеди учество во Лигата на шампионите, или преку освојување на Лигата на Европа, или преку едно од првите четири места во Премиер-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА