Џастин Клајверт е најновата желба на Жозе Мурињо за трансфер во Манчестер јунајтед откако португалскиот стратег побарал од управата на клубот да почне разговори со Ајакс за во јули да го доведе младиот Холанѓанец на „Олд трафорд“. Клајверт има 18 години, но зад своето име веќе има 29 настапи за првиот тим на Ајакс, воедно постигнувајќи и неколку прекрасни погодоци.
Хoландскиот тинејџер се наоѓа на листата со желби на неколку европски гиганти, па токму затоа Мурињо ќе се обиде уште во текот на сезонава да го осигура неговиот потпис. Весникот „Мирор“ најавува дека првата понуда ќе изнесува десет милиони фунти плус пет преку неколку клаузули, што повеќе од сигурно нема да биде доволно за да се добие зелено светло од Ајакс за овој трансфер.
Сепак, парите никогаш не биле проблем за Мурињо во последните десетина години од неговата работа низ клубовите, па се очекува „специјалниот“ во следните неколку месеци да ги интензивира преговорите со Ајакс, се со цел да ја добие трката по еден од најпосакуваните тинејџери во фудбалска Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА