Серијата на порази на Тотенхем не прекина ниту на вчерашниот дуел против Челси, кој избраниците на Жозе Мурињо го загубија со 0-1 на домашен терен, па лондонскиот состав сега падна на седмото место на табелата со 33 освоени бода, 14 зад водечкиот Манчестер Сити.
Тотенхем повторно одигра натпревар под очекувањата, а по голот на Жоржињо од пенал во 24. минута, составот на Португалецот шанса за изедначување на резултатот имаше само при крајот на средбата. По дуелот „Специјалниот“ повторно удри по судиите…
„Имам многу добро мислење за судијата Маринер и затоа можам да кажам дека не сум задоволен со судењето. Челси победи со гол од непостоечки пенал и болно е кога ќе загубиш натпревар на таков начин. Се мачевме во првото полувреме, но бевме добри во второто. Бевме ослабени без неколку клучни играчи, особено во офанзивата. За нас капитенот Хари Кејн е од големо значење во нападот, ни недостасуваат и офанзивните решенија на Регилон“ – изјави Португалецот.
Ни на овој натпревар шанса не доби Герет Бејл, кој поразот на Тотенхем го проследи од клупата. По мечот, новинарката на „Скај Спортс“ го запраша стратегот зошто Велшанинот не доби прилика, а „Специјалниот“ имаше посебен одговор.
„Тоа е добро прашање, но не заслужуваш одговор. Јас давам се од себе, Герет дава се е од себе, сите даваат се од себе“ – додаде Мурињо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

