Муслиу: Разочарани сме многу, но нема време за кукање

Шкендија доживеа шокантна и болна елиминација од Лигата на шампионите откако загуби од Номе Калју со 1-2 на домашен терен во Скопје во реванш мечот од првото квалификациско коло. Ниту триумфот (0-1) на првиот натпревар во Талин не беше доволен за да се обезбедат дуели со шкотскиот првакл Селтик. Сега Шкендија се сели во квалификациите за Лигата на Европа, а следен противник е Дуделанж.

Одбраната не беше на висина на задачата, репрезентативецот Висар Муслиу е самокритичен, но вели дека нема време за кукање.

„Логично е да има големо разочарување по начинот на кој бевме елиминирани од квалификациите на Лигата на шампионите. Меѓутоа нема бегање, ова е реалноста и ние треба да се соочиме со критиките. Одговорот треба и мораме да го даваме на терен со резултати. Само така можеме да го надминеме овој момент и верувам дека така и ќе биде. Немаме време за кукање, целиот фокус веќе е кон следниот предизвик во Лига Европа, каде ќе се обидеме да се претставиме во вистинско светло“, вели за ЕКИПА, Висар Муслиу.

Шкендија следниот вторник (23 јули) ќе биде домаќин на Дуделанж во второто коло од квалификациите за Лигата на Европа.

Се вчитува...