Мустафица: Се надевам дека во вториот дел ќе бидеме комплетни за да ја нападнеме титулата

Пелистер очекувано стигна до седмата последователна победа во Првата кошаркарска лига откако славеше на домашен терен против Кожув во 8. коло. „Зелено-белите“ беа подобриот противник од самиот старт, веќе во првата четвртина стигнаа до двоцифрена предност и истата не ја испуштија до самиот крај.

Лидер на битолскиот состав со 24 поени и 7 скока беше босанскиот интернационалец Недим Мустафица кој по мечот не го криеше задоволството од издвоената победа, а се надева дека „зелено-белите“ ќе бидат комплетни во завршницата на првенството со цел да се нападне титулата.

„Уште една може да се каже рутинска победа за нас за да ја продолжиме победничката серија. Сега ни следат две тешки гостувања во Скопје против екипите на Феникс и ТФТ. Не стига уморот, но го дозираме со тренинзите. Имаме екипа составена од поединци кои ја носат екипата, а ние продонесуваме од страна и секој натпревар некој поентерски се издвојува, но тимски играме и не зависиме од еден играч“, вели Мустафица.

„Ни недостасува еден класичен играч на позицијата пет, но го надоместуваме тоа со борбеност и мислам дека изгледаме добро. Се надевам дека за вториот дел ќе донесеме засилување и дека ќе се рехабилитира Младеновски и ќе бидеме во полн состав за да ја нападнеме титулата“

Се вчитува...