Мутињо: Не сме изненадени за елиминацијата на Италија, Македонија покажа дека е тежок противник

Репрезентацијата на Португалија денеска ја имаше една од своите редовни прес конференции пред финалниот бараж дуел за пласман на Мундијалот во Катар против Македонија во вторник.

Искусниот Жоао Мутињо, проговори за Македонија и истакна дека станува збор за силна и квалитетна репрезентација која сосема заслужено триумфирала против Италија и покрај статистичките податоци и офанзивата на „Азурите“ за кои потврдува дека на крајот се бескорисни ако не постигнеш гол.

„Очекувавме да играме против Италија, нема да лажеме, меѓутоа ќе ни биде тешко и против Македонија. Фудбалот е различен, сите тимови можат да победат без разлика на имињата на фудбалерите во нивните редови. Македонија има одличен тим и тоа го докажаа против европскиот шампион. Свесни сме дека не чека тешка задача, не смееме да ја потцениме Македонија затоа што многу добро се бранат и имаат добра организација“, изјави Мутињо.

Натпреварот помеѓу Португалија и Македонија се игра во вторник од 20:45 часот.

Се вчитува...