Легендарниот романски репрезентативец Адријан Муту, во отворен разговор за „Телеграф“ вели дека да не било конзумирањето кокаин ќе стигнел и до Златната топка како најдобар фудбалер во светот.
Сега веќе 46-годишниот Муту, во 2003 година за 16 милиони фунти се пресели од Парма во Челси и беше одличен под водство на Клаудио Раниери. Но, со доаѓањето на Жозе Мурињо неговиот статус се промени, а во октомври 2004 година беше и позитивен на тестот за кокаин по што доби седуммесечна суспензија. Тоа, главно, ја заврши неговата кариера.
„Конзумирањето кокаин во тој период беше најлошата одлука во мојата кариера. Бев сам и тажен, но ниту депресијата не смее да биде оправдание за таквите постапки. Не побарав ниту помош. Сепак, учиш од се во животот, таа лекција ме направи подобра личност, многу позрела и свесна за моите постапки“ – вели сега Романецот, кој по таа епизода се пресели во Италија каде беше извонреден во дресот на Фиорентина.
„Можев да постигнам и многу повеќе. Верувам дека повеќе од една сезона бев меѓу најдобрите фудбалери во светот, па лесно можев да ја освојам Златната топка. Но, лошите одлуки си го направија своето. Сепак, се обидувам да не се обвинувам премногу“ – дополнува Муту.
Од 2016 година стартуваше тренерска кариера водејќи шест клуба и беше селектор на романската репрезентација до 21 година. Негов последен ангажман е романски Петролул каде остана само четири месеци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА