Нема подобар почетокот за неутралните љубители на македонската кошарка од дуелот во кој во четвртфиналето ќе се сретнат двата најтрофејни клубови низ историјата на Купот „Благоја Георгиевски- Буштур“, МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.
Скопската пресметка на годинашното издание од Купот кое ќе се игра во Куманово ќе биде во петок од 14:30 часот.
„Купот е најинтересното натпреварување кај нас, затоа што е без фаворити, тоа се докажало низ годините. За нас отворањето е со вечното дерби, тоа е приказна сама за себе и многу ни е важен. Нашите цели како клуб се јасни, тоа е трофејот да остане во Аеродром“– јасен на тренерот на тимот од Аеродром, Васко Атанасов.
Дамјан Стојановски посакува максимум од МЗТ Скопје на овој дерби-меч од четвртфиналето…
„Како што кажа тренерот Васко Атанасов, Купот е специфичен и нема фаворити. Ние првиот меч го играме со Работнички, знаеме за каква екипа станува збор. Мислам дека наше е да го дадеме максимумот, како што ќе се договориме пред меч, така да играме од меч во меч и да дојдеме од трофејот во Купот“ – порачува капитенот на МЗТ Скопје.
Но, Работнички ќе се обиде да го сопре победничкиот поход на МЗТ Скопје. Шефот на стручниот штаб на „црвено-белите“, Владимир Мирковски е свесен за тежината која со себе ја носат дуелите со вечниот ривал.
„Честитки до екипата на Куманово и градот кои ќе го организираат финалниот турнир од ова натпреварување. Добро е да се биде назад во овој кошаркарски град, публиката тоа знае да го цени. Отвораме со МЗТ Скопје, можеби најдобрата екипа во првенството. Ние ќе го дадеме максимумот, ја знаеме тежината на градското дерби. Се надевам дека салата ќе биде исполнета со навивачи и ќе дадеме добра увертира за она што ни следи понатаму“ – вели Мирковски.
Виктор Ефремовски посакува да победи подобриот во овој втор четвртфинален натпревар од финалниот турнир.
„Дерби мечевите секогаш имаат посебна тежина, свесни сме за каков натпревар станува збор, па нека победи подобриот на теренот“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

